Луѓето на Балканот не се глупави, тие знаат дека нивните земји не се добредојдени во ЕУ и масовно си заминуваат, не како азиланти или нелегални имигранти, туку како легални работници во Германија, Австрија и други земји на ЕУ, оценил професор по политички науки на Католичкиот универзитет во Лил, Лоир Трегурес, кој остро ја критикувал политиката на Макрон за замрзнување на приемот на нови членки, додека ЕУ не се реконструира од внатре.

Со силно поттикнување на владата на Македонија од старт и со отворање на пристапни преговори за членство, ќе беше возможно да се создаде круг во регионот и да се „убијат две муви со еден удар“. Со тоа би се потврдила желбата на Франција процесот за проширување да биде околу вредности и ставови. Со тоа би се испратило и силен сигнал до нелибералните режими во регионот и нивните луѓе за реалниот пат кон евроинтеграцијата. Франија на тој начин би се ставила во центарот на вниманието на позитивен начин и би добила политички кредити да бара и да добие повеќе – вели професорот Трегурес.

Меѓутоа, како што вели тој, Макрон одбрал да го направи спротивното.

Тој троши политички капитал (26 членки за, против само Париз) на теми и земја која, повторно, не е прв приоеритет. Тоа е ситуација во која сите губат – Франција, ЕУ, и Балканот. Неговата одлука ќе придонесе за уназадување на реформите во процесот на проширување на унијата – објаснил овој професор.

Кога станува збор за проширувањето на ЕУ, додава Трегурес, Франција никогаш порано не споменала ниту пак предложила решение за унапредување на процесот, за разлика од Европската комисија.

Кога станува збор за реформите на Скопје и Тирана, секогаш може да се констатира дека кандидатите не сториле доволно. Грција со години ја блокираше Македонија на патот до ЕУ,  што имаше огромни последици по Скопје и тоа не даде голем замаф во реформите, како што имплицира Макрон – вели професорот.

Франција историски е против проширувањето на ЕУ

Како што вели Трегурес, Франија историски е наклонета против проширувањето. Тој објаснува дека причината лежи во тоа што слабее влијанието на Париз во важните одлуки за ЕУ.

Покрај тоа, проширувањето на исток во 2004 година и натаму е политичка траума, бидејќи многумина тврдат дека тоа било причина за пропаѓање на европскиот уставен референдум во 2005 година, како и дека тоа поттикнало голема одбивност кон проширувањето на Унијата во француската јавност. Проширувањето од 2004 година го измести епицентарот на Европа, во очите на Париз, кон исток, на Германија. Поради тоа, Париз гледа на Берлин како на главен добитник во последните 15 години, бидејќи Германија во полна мерка ја искористила интеграцијата на поранешните комунистички соседи – објаснил професорот.

Со последиците по ЕУ и регионот, одлуката на Макрон е штетна и за самата Франција, во однос на либералните амбиции на Макрон за Европа кои ги искажал тој во свој говор во 2015 година, пренесува професорот кој предава на факултет за политички науки на Католичкиот универзитет во Лил.

Париз, кој пред неколку години се повлекол од Балканот и тој регион не бил клучен за неговата дипломатија, сега има четири клучни цели во регионот:

-Редизајнирање на процедурите за проширување со давање на приоритет на воспоставување на владеење на правото и промовирање на влади кои се искрено посветени кон ЕУ и нејзините вредности.

– Борба против нелиберализмот на Балканот и насекаде во Европа.

– Да добие доволно кредибилитет за повторно да се појави како сериозен играч во регионот и да ја склопи својата „Стратегија за Балкан“.

– Активно да поттикнува и да помага во решавањето на прашањето меѓу Србија и Косово.

Професорот истакнува и дека според него, крајно време е Франција јасно и гласно да каже дали е зад ставот ЕУ повеќе воопшто да не се проширува, или навистина сака да се случат внатрешните реформи за проширувањето навистина да се реализира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.