Американскиот претседател Џо Бајден вчера, два дена пред разговорите со рускиот лидер, се обиде да ги намали очекувањата од средбата велејќи дека Путин е „достоен противник“.

Го имам сретнато. Тој е паметен. Цврст. А открив и дека е, како што велеа кога спортував, достоен противник, рече Бајден.

Прашан дали сѐ уште мисли дека Путин е убиец, како што еднаш го нарече, американскиот претседател неколку секунди се смееше, вели Политико.

Верувам дека е, во минатото, тој суштински потврди дека е, имаше одредени работи што би ги направил или веќе ги направил, рече тој. Но видете, кога ми го поставија тоа прашање во емисија, јас одговорив искрено. Не мислам дека тоа е многу важно во однос на овој следен состанок што ќе го имаме.

Бајден ја искористи прес-конференцијата доцна во ноќта во понеделникот за да се одбрани од критиките дека не треба да се сретнува со Путин како резултат на разновидната континуирана агресија од руски актери. Дури и колегите демократски пратеници го повикаа да биде остар со Путин.

Но, Бајден рече дека иако медиумите го критикуваат тајмингот, сите светски лидери со кои разговарал на своето патување во Европа му рекле дека е добро што ќе има таква средба.

Секој светски лидер тука што зборуваше денес како член на НАТО, а повеќето го споменаа тоа, ми се заблагодарија што се среќавам со Путин сега, рече претседателот. „Секој можен што прозборе. А мислам дека веројатно ги имаше околу 10 или 12 што зборуваа за тоа, и рекоа дека се среќни што го правам тоа, што ќе го сторам тоа. И тие сметаа дека тоа е сосема соодветно и јас отворено дискутирав со нив за она што тие сметаа дека е важно од нивна перспектива“.

Бајден и Путин ќе се сретнат во Швајцарија в среда, а по состанокот Бајден ќе одржи прес-конференција. Тоа се случува три години откако тогашниот претседател Доналд Трамп се состана со Путин во Хелсинки, кога се соочи со жестоки критики за поддршката на негирањето на рускиот лидер дека се мешал на изборите, спротивно на ставот на американските разузнавачки агенции.

Белата куќа вели дека претседателот сакал да се сретне со Путин за директно да го притисне за сајбер-нападите и за човековите права, како и да зборува за областите каде што може да имаат заеднички јазик, меѓу кои и контролата на нуклеарното оружје и климатските промени.

Ќе му објаснам на претседателот Путин дека има области каде што можеме да соработуваме, ако тој одлучи“, рече Бајден во понеделникот. „А ако одлучи да не соработува и ако дејствува на начин како во минатото во однос на сајбер-безбедноста и некои други активности, тогаш ние ќе одговориме. Соодветно ќе одговориме“.

Но тој продолжи да се соочува со критики дека состанокот е награда за Путин, кој е обвинет за мешање во изборите, кршење на човековите права и сајбер-напади и дека ја става Русија на исто ниво со САД, вели Политико.

Не станува збор за доверба, туку за согласување“, рече Бајден. „Кога пишувате договори со противниците, не велите: ‘Ти верувам.’ Велите: ‘Го очекувам тоа и тоа’.“

Бајден одби да каже какви отстапки ќе побара од Путин, но упати предупредување за опозициската фигура Алексеј Навални. Ако Навални умреше во затвор, рече Бајден, тоа ќе им наштетеше на односите на Русија со САД и со остатокот од светот. Путин тврди дека тој нема влијание за ова прашање.

„Смртта на Навални би била уште еден показател дека Русија има малку или воопшто нема намера да се придржува до основните основни човекови права“, рече Бајден. „Тоа би било трагедија“.

Путин во интервју за Ен-би-си во петокот рече дека односите на Русија со САД „се влошиле до најниската точка“ во последните години.

Бајден рече дека се согласува со неодамнешната процена на Путин за односите меѓу САД и Русија.

„Мислам дека тој е во право дека ова е ниска точка и тоа зависи од тоа дали тој ќе постапува во согласност со меѓународните норми, што во многу случаи отсуствуваше“, рече тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.