Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден најави во вторникот дека американските единици ќе останат во Авганистан и по 1-ви мај, рокот кој беше договорен со политичките претставници на радикалното исламистичко движење Талибан од претходната администрација во Вашингтон, но дека целосно ќе заминат од земјата до 11-ти септември, точно на 20-годишнината од терористичките напади во САД што беа и директниот повод за американската инвазија.

„Ќе го започнеме повлекувањето на преостанатите сили пред 1-ви мај и предвидуваме да ги повлечеме сите американски единици од земјата пред 20-годишнината на 11-ти септември“, изјавил неименуван американски функционер за група новинари, и гарантирал дека тоа заминување ќе биде „координирано“ и ќе се одвива истовремено кога и заминувањето на силите на НАТО.

„Недвосмислено им кажавме на талибаните дека силно ќе одговориме на секој напад врз американските војници во текот на уредното и безбедно повлекување“, додал.

Авганистансите бунтовници неодамна го предупредија Вашингтон за секое пречекорување на рокот на 1-ви мај, и се заканија дека ќе употребат сила иако во досегашниот период се воздржуваат од напади врз странските сили по американско-талибанскиот договор постигнат во 2020 година во катарска Доха.

Од друга страна, пак, и натаму траат судирите меѓу талибаните и авганистанските безбедносни сили на теренот.

На 29-ти февраури минатата 2020 година претходната американска администрација и талибаните во катарска Доха потпишаа мировен договор, според кој САД и коалицијата предводена од нив ќе ги повлечат своите трупи од Авганистан во рок од 14 месеци. Талибаните со овој договор гарантираат дека нема да ја користат авганистанската територија за активности кои претставуваат закана за Соединетите држави и сојузниците.

Авганистанската војна којашто се претвори во најдолгата војна на САД по инвазијата по теористичките напади од 11-ти септември 2001 година во Њујорк и Пентагон, започна со инваизјата со која од власта во Кабул беа протерани талибаните, поради поврзаноста со џихадистичката мрежа Ал Каеда и пружањето засолниште на нејзиниот водач Осама бин Ладен, кои ја преземаа одговорноста за нападите во кои загинаа околу 3.000 луѓе.

Во периодот од 2010/2011 година околу 100.000 американски војници беа распоредени во Авганистан. Поранешниот американски претседател Барак Обама при крајот на неговиот мандат во 2016 дона, го намали нивниот број на 8.400, а неговиот наследник на должноста Доналд Трамп испрати засилување па во 2017 година ги имаше 14.0000, но потоа го започна постепеното повлекување. Од тогаш во Авганистан останаа до моментов 2.500 американски војници, главно организирани во заштита на американските мисии во земјата, обука на локалните сили и пружањето на стратешка воздрушна поддршка на владинтие сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.