Американскиот претседател Џо Бајден на средба со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин се заложиl за „прагматичен“ пристап кон Cеверна Кореја, со цел намалување на тензиите и приближување кон „крајната цел“ – денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

Ние немаме апсолутно никакви илузии за тежината на таа задача. Четирите претходни администрации не ја постигнаа таа цел. Тоа е неверојатно тешка цел – истакна Бајден на заедничката прес-конференција со Мун во Белата Куќа.

Бајден објави дека го именува искусниот дипломат Сунг Ким за специјален пратеник за Cеверна Кореја, но не ја исклучи можноста тој самиот еден ден да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, доколу севернокорејскиот лидер преземе одредени обврски.

Јужнокорејскиот претседател, кој за време на мандатот на Доналд Трамп посредуваше помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон, изрази надеж дека ќе ја искористи последната година од својот мандат за конечно да постигне „неповратен мир“ на Корејскиот Полуостров.

Тој ја пофали подготвеноста на Вашингтон за дијалог. Мун е вториот светски лидер Бајден што лично го прими во Белата куќа од неговото преземање на функцијата, по јапонскиот премиер Јошихиде Суга.

Иако е под санкции изминатите години, Cеверна Кореја ги развиваше своите воени капацитети и изврши неколку нуклеарни тестирања и успешно лансираше балистички ракети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.