Американскиот претседател Џо Бајден, за време на неговата прва официјална прес-конференција по стапувањето на функцијата, порача дека САД соодветно ќе одговорат, доколку Cеверна Кореја ги зголеми тензиите со ракетните тестирања.

Бајден истакна дека Вашингтон се консултира со своите партнери и сојузници и ќе реагира доколку Пјонгјанг одлучи да ги зголеми тензиите.

Американскиот претседател нагласи дека е „подготвен за некаква форма на дипломатија“ со Cеверна Кореја, но „тоа мора да биде условено со денуклеаризација како краен резултат“.

Cеверна Кореја денеска истрела две балистички ракети, што се смета како провокација за новата администрација на Бајден.

Согласно резолуциите на Советот за безбедност на ОН, на Пјонгјанг му се забранува развој на какви било балистички ракети, поради што се воведени голем број меѓународни санкции за севернокорејските оружени програми.

Бајден изјави дека Cеверна Кореја ги прекршила резолуциите на ОН, тестирајќи ги „тие специфични ракети“.

Новиот претседател на САД одговори потврдно на прашањето дали Cеверна Кореја е најважното надворешно-политичко прашање што тој го набљудува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.