Американскиот претседател Џо Бајден на 7 февруари пред Конгресот на САД ќе има традиционално обраќање за состојбата на нацијата и општата политика.

Во согласност со традицијата, претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканецот Кевин Мекарти, со писмо го покани Бајден да се обрати на заедничката седница на двата дома на Конгресот.

Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека Бајден ја прифатил „љубезната покана“ на Мекарти и дека со нетрпение чека да го одржи говорот.

За првпат откако беше избран, претседателот ќе се обрати пред поделениот Конгрес, бидејќи републиканците освоија тенко мнозинство во Претставничкиот дом по среднорочните избори во ноември. На тие избори, демократите ја задржаа контролата над Горниот дом на Конгресот, Сенатот.

Новата година носи нов Конгрес, а со тоа и одговорност да се работи кон економијата која е силна, нацијата која е безбедна, иднината изградена на слобода и Влада која презема одговорност, пишува Мекарти во својот повик до Бајден.

Тој додава дека американскиот народ ги испратил во Вашингтон за да „дадат нова насока на земјата, да најдат простор за согласност и да разговараат за приоритетите“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.