Денеска во Женева американскиот претседател Џо Бајден ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и тоа ќе биде нивна прва официјална средба како двајца претседатели пишуваат светските агенции. Во нивните анализи тие додаваат дека ова е и прва средба откако Бајден го нарече рускиот колега убиец, а Путин му рече да се погледне во огледало.

Последен пат Путин и Бајден се сретнаа пред 10 години, кога Бајден беше потпретседател на САД.

Во анализите се споменува дека ова не е прва средба меѓу руски и американски претседател во Женева, бидејќи пред нив таму се сретнаа Роналд Реган и неговиот руски колега Михаил Горбачов во 1985 година.

Деталите за самитот во Женева беа договорени на состанокот на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан и неговиот руски колега Николај Петрушев.

Предвидено е претседателите да одржат одделни прес-конференции по состанокот.

Средбата треба да се одржи во вила од 18 век, со поглед на Женевското Езеро. Оваа вила се користи за приеми организирани од градските власти повеќе од 100 години.

Локалните власти ги советуваа граѓаните во Женева денеска да останат во своите домови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.