Претседателот на САД, Џо Бајден, пред почетокот на лидерскиот самит на НАТО, пред новинарите изјави дека членот пет од Повелбата на Северноатлантската алијанса е света обврска за неговата земја, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова е првиот самит на НАТО за Бајден како претседател на САД, тој најави дека “САД се враќа“ во Алијансата како и во меѓународните односи, по четиригодишниот мандат на неговиот претходник кој предизвика тензии со сојузниците на НАТО.

-НАТО е критично важна за интересите на САД, да не постоеше ќе требаше да ја измислиме, таа им овозможува на САД да го водат својот бизнис во светот, рече американскиот претседател.

Тој инсистираше на важноста на членот пет од Повелбата на НАТО кој гласи дека напад врз една земја членка е напад врз сите.

-Членот пет за нас е света обврска. Кога Америка беше нападнати сите направија исчекор и го испочитуваа членот пет, сакам цела Европа да знае дека САД е тука, рече Бајден.

Тој ја поздрави и одлуката донесена во 2014 да се зголемат буџетските стапки за одбрана во сите земји членки на Алијансата. Бајден ги поздрави и десетте земји кој веќе ја постигнаа целта од два отсто од БДП за одбрана и посочи дека другите земји се на пат да ја остварат оваа преземена обврска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.