Австрија преговара со Русија за купување на милион дози од вакцината Спутник В, која сè уште не е одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА), соопшти канцеларијата на канцеларот Себастијан Курц.

Курц е под голем број критики од опозицијата затоа што неговата влада не купила доволно вакцини преку централизираниот систем на ЕУ, додека Курц тврди дека системот потфрлил, пренесува Хина.

Не смее да има геополитичка тесноградост кога станува збор за набавка на вакцини – рече Курц, додавајќи дека Австрија преговара со Русија за набавка на вакцината и дека Москва понудила да испорача милион дози од април.

Единственото нешто што треба да е важно е дали вакцината е ефикасна и безбедна – додаде Курц.

Спутник В досега е одобрена во 58 земји.

Во соопштението од канцеларијата на Курц се вели дека ЕМА веќе започнала процес на проценка. Врз основа на последните клинички испитувања во февруари, научниците утврдиле дека ефикасноста на Спутник В е 92 проценти. Резултатите од студијата беа објавени во стручното списание „Лансет“.

Од земјите на ЕУ, само Словачка и Унгарија ја купија руската вакцина, а Унгарија веќе ја администрира. Во Словачка, сепак, ова прашање предизвика политичка криза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.