Австрија ќе го вакцинира секој што сака да ја прими првата доза на вакцината против ковид-19 во следните 100 дена, а употребата на руската вакцина Спутник V може да го забрза тој процес, изјави австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Обраќајќи ѝ се на јавноста преку видео врска по повод католичкиот Велигден, тој рече дека Австрија ќе има можност да му понуди на секој барем една доза вакцина во следните 100 дена, и покрај фактот што бројни фармацевтски компании доставија само 50 проценти од договорените вакцини со ЕУ.

„Ако го употребиме Спутник V, ќе можеме да го забрзаме процесот“, истакна Курц.

Австриските власти планираат овој месец да ги вакцинираат лицата над 65 години, во мај лицата над 50 години и во јуни лицата кои припаѓаат на други возрасни групи, со цел да се врати животот во нормала во текот на летото.

Курц изјави дека австриските власти се надеваат дека со вакцинирањето на постарите лица ќе може да дојде до пресврт во мај, кога ќе се намали притисокот врз болниците и дека ќе можат да започнат со мерки за укинување на ограничувањата, „на што сите се надеваат“.

Австрискиот канцелар по средбата со рускиот амбасадор во Австрија Дмитриј Љубински изјави дека Москва и Виена се во завршна фаза пред да го потпишат договорот за испорака на руската вакцина и дека Австрија може да нарача дози на „Спутник V“ уште следната недела.

Курц додаде дека австриската влада разговара со здравствените експерти за можноста за одобрување на употребата на руската вакцина на државно ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.