Австриската влада ќе им овозможи на граѓаните поголема слобода за претстојните празници, со одредени ограничувања, но апелира да се почитуваат мерките.

Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, по разговорите со претседателите на покраините, синоќа изјави дека е договорено да се овозможи прослава на Божиќ со најмногу 10 лица, на 24 и 25 декември.

Имајте на ум дека вирусот не е во мирување ниту за време на празниците – предупреди тој.

Курц истакна дека од 26 декември сите мерки ќе важат повторно како и досега, а тоа се полициски час од 20 часот навечер до 6 часот наутро, ограничување на контактите, а дозволени се приватни средби, но само со едно домаќинство.

Тој кажа дека за Нова година, односно на 31 декември, полицискиот час ќе биде привремено ставен надвор од сила, така што две домаќинства ќе можат заедно да ја слават 2021 година.

Некои други земји ќе бидат целосно затворени за празниците, некои ќе воведат полициски час. Се обидуваме да овозможиме што е можно поголема слобода, но со апел до граѓаните да се придржуваат до мерките – истакна Курц.

Вториот круг на масовно тестирање во Австрија ќе се спроведе од 8 до 10 јануари, а во Виена, бидејќи има поголем број граѓани, од 8 до 17 јануари.

Тестирањето е бесплатно и доброволно.

Што се однесува до вакцината, Курц рече дека очекува ЕУ да одобри употреба на првата вакцина до крајот на годината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.