Четириесет и петгодишен Австриец е осуден на парична казна од 1.000 евра поради тоа што му се заканувал на канцеларот Себастијан Курц на социјалните мрежи.
Пред судот во Линц, обвинетиот изјавил дека му е жал за заканата и дека причината била што бил лут поради корона мерките воведени од Владата, со кои тој не се согласувал.
Тоа било причината што тој на својата слика на профилот го додал натписот „Убиј го Курц“ и под објавата на познајник додал дека канцеларот треба да се заколе, на што додал симболи на нож и сабја.
Државното обвинителство оцени дека тоа е повик за кривично дело и поддршка на кривично дело, како и кршење на законот за медиуми, за што е предвидена казна затвор до две години.
Сепак, судот одлучи да го казни Австриецот само со парична казна наместо со затвор и тој мора да плати 1.000 евра до средината на април.
Судот ги прифати како олеснителни аргументите на обвинетиот дека во втората половина на минатата година бил емоционално вознемирен, дека имал финансиски проблеми поради скратено работно време и дека не можел да се гледа со своите пријатели.
На крајот на судењето, обвинетиот призна дека можел да ја изрази својата критика за корона-мерките на друг начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.