Австралискиот сенаторот Фрејзер Анинг го навлече бесот на австралиската и новозеландската јавност поради неговите коментари дека „муслиманските имигранти“ се виновни за денешниот напад на две џамии, во кои загинаа најмалку 49 лица.

Сенаторот од Квинсленд изјави дека „вистинската причина за крвопролевањето на улиците на Нов Зеланд денеска е програмата за имиграција која на муслиманските фанатици им дозволила да се преселат на Нов Зеланд”.

Иако ова одмазничко насилство не може да се оправда, она што треба да се нагласи е растечкиот страв во нашата заедница, како во Австралија така и во Нов Зеланд поради зголеменото присуство на муслимани”, наведе тој во изјавата.

 

Дали некој сé уште ја оспорува врската меѓу муслиманската имиграција и насилството? Се прашувам дали ќе има толку многу бес од левото крило кога ќе се случи следниот муслимански терористички напад? Најверојатно ќе замолкне и ќе зборува за напади извршени од осамен волк, од ментална болест и дека сето тоа нема врска со исламот”, додаде тој.

Премиерот на Австралија Скот Морисон прв ги осуди националистички ставови на сенаторот.

Забелешките на сенаторот Фрејзер Анинг, кој за смртоносните напади извршени од насилен, десничарски, екстремистички терорист во Нов Зеланд ја обвини имиграција, се одвратни, рече тој.

За вакви ставови нема место во Австралија, а не пак во австралискиот парламент, истакна премиерот Морисон.

Лидерот на опозицијата, Бил Шортен, рече дека сенаторот Анинг „заслужува презир и осуда од пристојните луѓе од секаде”. – Тој не зборува во името на нашиот парламент или нашата земја, потенцираше Шортен.

Поранешниот премиер Малколм Турнбул ги нарече коментарите вредни за презир.

 

Тој е срам за Сенатот и што е полошо, со ширењето омраза и со тоа што ги врти Австралијците едни против други, го прави токму она што терористите го сакаат, рече тој.

Сенаторот Енинг и претходно давал супремистички изјави. Минатата година во август во своето обраќање пред Парламентот, тој повика на забрана за муслиманска имиграција и побара враќање на политиката на Бела Австралија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.