Австралиската владејачка конзервативна коалиција освои апсолутно мнозинство во Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Австралија на изборите што се одржаа во саботата, што ќе му овозможи на актуелниот премиер Скот Морисон да продолжи со спроведување на својата политичка програма.

Како што јави Би-Би-Си, според досега преброените гласови, коалицијата на Либералната партија на Морисон и на Националната партија веќе освоила 77 места во 151-члениот Претставнички дом или едно повеќе од неопходните 76 за апсолутно мнозинство.

Централната изборна комисија денеска информира дека владејачката коалиција има убедлива предност во уште три изборни единици каде пребројувањето не е завршено и најверојатно ќе ги добие најмалку уште тие три мандати.

Ваквите изборни резултати претставуваат изненадување, имајќи предвид дека сите предизборни анкети укажуваа на тесна победа на Лабуристичката партија, која веќе шест години е во опозиција.

По објавувањето на првичните резултати во саботата, кои укажуваа на победа на неговата коалиција, Морисон изјави дека „од секогаш верувал во чуда“, додека лидерот на лабуристите Бил Шортен го призна поразот и најави оставка на лидерската функција.

По денешното објавување на последните изборни резултати, Морисон нагласи дека гласањето покажало оти на „Австралијците веќе им е доста од политика“.

Тие го кажаа своето. Решија. Сега од нас очекуваат да продолжиме, за тие да можат да продолжат со своите животи. Тоа го порачаа тивките Австралијци и јас ќе го почитувам тоа – изјави Морисон за сиднејското радио 2ГБ.

Прва задача на Морисон по изборите ќе биде формирање на нова Влада, од причина што некои од досегашните министри уште пред изборите најавија повлекување од функциите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.