Австралија ќе биде принудена да плати 3,7 милијарди евра компензација на Франција за да се повлече од договорот за изградба на подморници, кој беше еднострано раскинат по формирањето на пактот „АУКУС“ (AUCUS), создаден во корист на купување на американски или британски нуклеарни подморници.

Според француски „Д Локал“, отштетата треба да се плати затоа што мината година, австралискиот премиер Скот Морисон го раскина договорот за купување подморници со француската поморска група и одлучи за алтернатива за набавка нуклеарни подморници како дел од значајниот безбедносен договор со Вашингтон и Лондон.

Но, непријатната вест доаѓа за време на сослушувањето и распитот во австралискиот парламент од страна на опозицискиот сенатор, кога официјални лица од министерството за одбрана откриле дека едностраното раскинување на договорот ќе има многу висока цена и дека ќе го платат даночните обврзници во земјата.

Сенаторот Пени Вонг изјавил дека даночните обврзници ќе платат подморници кои не постојат, додека претставниците на одбраната велат дека сите проблеми ќе се решат во рамки на таа цена.

Заменик-секретарот за одбрана, Тони Далтон, вели дека точната сума се уште е нејасна бидејќи преговорите со Поморската група се во тек.

Министерот за финансии Сајмон Бирмингем ја бранел одлуката за повлекување од францускиот договор како „неопходна во наредните децении“.

Не треба да бегаме од фактот дека знаевме дека има сериозни последици. Променетото стратешко опкружување во регионот значеше дека опцијата избрана претходно немаше да ги задоволи најдобрите потреби на Австралија во иднина – изјавил Бирмингем.

Премиерот Морисон претходно соопшти дека одлуката да се одлучат за подморници со нуклеарен погон е поттикната од промената на динамиката во азиско-пацифичкиот регион, каде што Кина сè повеќе ги полага своите права на речиси целото Јужно Кинеско Море.

Промената предизвика бес во Париз, при што францускиот претседател Емануел Макрон го обвини австралискиот лидер дека лаже за иднината на договорот првично вреден 50 милијарди долари (34 милијарди евра).

Во декември, студија објавена од Австралискиот институт за стратешка политика, покажа дека програмата за подморници на нуклеарен погон ќе чини повеќе од 80 милијарди американски долари (72 милијарди евра) и дека ќе бидат потребни децении за да се заврши.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.