Кинеската амбасада во Вашингтон им порача на САД, Велика Британија и Австралија „да се ослободат од менталитетот на Студената војна и идеолошките предрасуди“, откако трите земји објавија дека склучиле нов безбедносен сојуз.

Трилатералното безбедносно партнерство, наречено АУКУС, официјално постои од денеска, откако лидерите на САД, Велика Британија и Австралија одржаа заедничка конференција преку видео врска. Во рамките на овој договор се предвидува Австралија да добие подморница со нуклеарен погон.

Тоа предизвика силна политичка реакција во Австралија, Велика Британија, но и во Франција, чиј постоечки договор од 90 милијарди долари со Австралија одеднаш беше раскинат.

Иако ниту еден од лидерите на трилатералниот сојуз не ја спомена Кина, многумина сметаат дека пактот е одговор на наводниот „експанзионизмот и агресијата на Пекинг“ во Јужното Кинеско Море и кон Тајван, пишува „Гардијан“.

Портпаролот на кинеската амбасада, Лиу Пенгу, истакна дека државите „не треба да создаваат затворени блокови кои имаат за цел да ги повредат интересите на трета страна“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.