Австралиските власти објавија дека ќе бидат олеснети мерките за спречување на корона вирусот на границите меѓу трите најнаселени федерални држави во Австралија, поради тоа што веќе 11 дена нема нови случаи на Ковид-19.

Австралија воведе карантин и строги контроли за патниците од државата Нов Јужен Велс (НСВ) по наглото ширење на епидемијата во Сиднеј, кон крајот на декември. Сега, тоа што жариштата во овој град се ставени под контрола им дава можност на другите делови од земјата, кои немаат нови случаи, да ги отворат своите граници за жителите на НСВ.

Премиерката на Квинсленд, Анастасија Палашчук, потврди дека нејзината земја ќе ги прима жителите на НСВ од 1 февруари.

Сакам да ги видам семејството и пријателите како се обединуваат – изјави Палашчук на прес-конференција.

Југоисточната држава Викторија, која е домаќин на тенискиот турнир „Австралија опен“, посочи дека в петок може да ги промени мерките што се на сила на границата со НСВ.

Во оваа австралиска сојузна држава немало локални случаи на инфекција со Ковид-19 веќе 22 дена, а во Викторија постои систем на дозволи за сите патници во кои државните области се означени како зелена, портокалова или црвена во согласност со нивната епидемиолошка ситуација.

Патниците од црвената зона не смеат да влезат во Викторија, додека оние од портокаловата зона ќе треба да направат тест за корона вирус во рок од три дена по пристигнувањето.

Се надевам дека до крајот на утрешниот ден нема да има црвени зони во Нов Јужен Велс – изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрус.

Австралија од март пријавила повеќе од 22.000 локални случаи на Ковид-19 и 909 смртни случаи, со што е меѓу 10-те најуспешни земји во борбата против пандемијата на корона вирус, наведува „Ројтерс“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.