Јапонија соопшти дека британско-шведската компанија „АстраЗенека“ во земјата ќе произведе повеќе од 90 милиони дози на нејзината вакцина. Ваквата најава доаѓа во време кога во Јапонија владее загриженост дали земјата ќе има доволно дози за да почне одложена кампања за вакцинација.

Ние веруваме дека е многу важно да можеме да произведуваме вакцини дома – вели генералниот секретар на Владата, Кацунобо Като.

Јапонија, која зависи од странските производители, планира кон крајот на февруари да почне со масовна вакцинација со вакцината на „Фајзер“, пти што прво ќе се вакцинираат здравствените работници.

Владата порачала и 120 милиони дози од вакцината на „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд, од кои 90 милиони ќе бидат произведени во Јапонија, а останатите ќе бидат увезени.

„АстраЗенека“ уште минатото лето почна со тестирање на вакцината „AZD1222“ во Јапонија и неа ќе ја произведува и дистрибуира во партнерство со фармацевтската компанија „Даичи Санкио“ и други локални партнери.

Британско-шведскиот производител се уште не побарал одобрување за употреба на вакцината од јапонското регулаторно тело, иако клиничките испитувања во Јапонија почнале пред оние на „Фајзер“.

Јапонија се соочува со сериозни логистички пречки за кои експертите велат дека ќе ги попречат напорите на владата да го вакцинира мнозинството од населението пред Олимписките игри во Токио во јули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.