Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека „Астра Зенека“ ќе испорача уште 9 милиони дози вакцини против ковид-19 во првиот квартал од годинава, или вкупно уште 40 милиони дози.

Испораките се очекува да бидат една недела порано од предвиденото, објави фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека „компанијата исто така ќе ги прошири своите производни капацитети во Европа“.

Европската агенција за лекови деновиве ја одобри употребата на вакцината против ковид-19, изработена од британско-шведската компанија „Астра Зенека“ во соработка со Универзитетот Оксфорд.

Дозволата се однесува на употреба кај населението постаро од 18 години, а по одобрувањето на Агенцијата, употребата на вакцината во Европската унија треба да биде потврдена од Европската комисија.

Германската влада вчера се закани дека ќе ги тужи лабораториите кои „не ги почитуваат обврските“ за испорака на вакцините во Европската унија, во момент на зголемување на тензиите околу доцнењето со испораката на британската компанија „Астра Зенека.“

Ако се покаже дека фирмите не ги почитувале своите обврски треба да одлучиме за судските последици. Ниту една земја не може да фаворизира друга земја во однос на ЕУ – изјави германскиот министер за економија Петер Алтмајер во разговор за германскиот весник Ди Велт.

Работите се заострија последните недели меѓу европските лидери и британската лабораторија „Астра Зенека“ која доцни со испорака на вакцините против ковид-19.

Компанијата објасни дека може да испорача „само четвртина“ од првично ветените дози за ЕУ во првиот квартал, како што беше наведено, поради тоаа што таа се производува само во една европска фабрика.

Европската унија индиректно ја обвини „Астра Зенека“ дека ја фаворизира Велика Британија во испораката на своите вакцини на штета на договорените обврски со Брисел.

ЕУ во петокот реагираше на тоа и усвои механизам за контрола на извозот на антиковид вакцините произведени на нејзина територија.

Алтмајер рече дека тој механизам ќе овозможи забрзување на испораката на вакцините.

Бтитанската „Астра Зенека“ не е единствената лабораторија која ЕУ ја обвини поради доцнење во испораката на вакцините.

Минатата недела Италија исто така ѝ се закани на американската компанија „Фајзер“ дека ќе ја тужи поради доцнење во испораката на вакцините.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.