Од понеделник во Англија ќе бидат забранети собири на повеќе од шест лица поради наглото зголемување на бројот на заразени со корона вирусот.

Според британската Влада, со измената и дополнувањето на законот ќе се забранат поголеми групни собири во затворени простории, но и на отворено.

Сепак, забраната нема да се применува во училиштата, работните места, како и за свадби, погреби и организирани тимски спортови, кои се сметаат безбедни од корона вирусот.

Британската Влада соопшти дека се потребни нови ограничувања откако бројот на заразени лица во неделата достигна речиси 3.000 на дневно ниво.

Министерот за здравство Мет Хенкок изјави дека новите ограничувања на собирите ќе останат во сила „во догледна иднина“.

Хенкок изрази надеж дека новите правила, заедно со акциите на локално ниво што се преземаат во бројни градови и региони, ќе ја свртат ситуацијата со епидемијата пред Божиќ.

Лицата кои ќе ги прекршат правилата се соочуваат со казна од 130 фунти за првиот прекршок, и може да бидат казнети со парична казна и до повеќе од 4.000 фунти.

Шкотска, Велс и Северна Ирска досега не воведоа никакви ограничувања.

Во Велика Британија со корона вирусот до сега се заразени вкупно 352.560 лица, од кои 41.586 починаа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.