Кујтим Ф. е засега единствениот напаѓач во Виена чиј идентитет и е познат на пошироката јавност. Австриската полиција соопшти дека станува збор 20-годишник, чии родители се по потекло од Македонија и кој поседувал двојно македонско и австриско државјанство.

Тој е убиен од безбедносните сили за време на терористичкиот напад во Виена. Кујтим Ф. бил вооружен со автоматска пушка и мачета, а носел и лажен експлозивен појас. Во нападот загинаа четири лица, а најмалку 17 се повредени, од кои дел потешко.

Кујтим Ф. и бил познат од претходно на полицијата откако се радикализирал и неуспешно се обидел да и се приклучи на Исламската држава во Сирија.
Тој бил осуден за терористичко здружување во април 2019 година и осуден на 22 месеци затвор. Бил помилуван и ослободен од затвор во декември минатата година.

Како што пренесува „Дојче веле“, за случајот на Кујтим Ф. и текот на неговото судење пишуваше австрискиот весник „Стандард“ на крајот на април 2019 година. Тогаш 18-годишник, тој заедно со Бурат К. биле обвинети за терористичко здружување, откако се обиделе да и се приклучи на Исламската држава. За разлика од својот „колега“, Кујтим Ф. успеал дури и да стигне до турско-сириската граница и таму да се засолни во специјално засолниште.

Засолништето беше како дупка со стаорци. Без туш, без тоалет, и без вода – раскажал адвокатот на Кујтим Ф., Николаус Раст за време на судењето.

Родени во Виена, Кујтим и неговиот партнер Бурат пред судијата кажале дека не се чувствувале обесправени во Австрија. Со Исламот почнале да се запознаваат во периодот на пубертетот.

Како што објаснил Кујтим, „кон крајот на 2016 година влегол во погрешна џамија“. Во 2018 имал проблеми и на училиште, а дома често се карал со мајка му, пренесува „Дојче веле“.

Сакав што подалеку од домот – раскажал Кујтим на судењето.

На прашањето на судијата: „А што очекувавте од Исламската држава?“, тој одговарил:

Очекував подобар живот. Сопствен стан и сопствени приходи.

Но, приходите ги обезбедил уште летото 2018 година кога добил сезонска работа. Парите ги инвестирал во авионска карта до Кабул, главниот град на Авганистан, каде заедно со неговиот партнер требало да бидат пречекани од контакти од Исламската држава.

Сепак, дури откако ги купиле картите дознале дека им е потребна и виза за Авганистан.

На 1 септември 2018, Кујтим одлучил сам да отпатува за Сирија. По два дена, и покрај тоа што се криел во засолниште, бил уапсен од турската полиција. Го одвеле во притвор и таму останал четири месеци, по што е екстрадиран во Австрија.

На судењето потврдил дека бил подготвен да се бори за целите на ИД.

Неговиот адвокат барал милост од судијата.

Како може да се смени идеологијата на еден бомбаш-самоубиец? Не со високи казни. Мора да се смени неговиот начин на размислување – резонирал адвокатот.

Судијата не ги прифатил ваквите аргументи, образложувајќи зошто одлучил на двајцата обвинети да им изрече затворски казни од 22 месеци:

Одлучно одбиваме да им дозволиме на ИД или на националсоцијалисти да бидат во близина на младинските култури.

Сепак, поради својата младост Кујтим е ослободен од затвор по неполни осум месеци и од декември 2019 повторно бил слободен граѓанин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.