Најново истражување спроведено во САД покажало дека корона вирусот продолжува да мутира, а експертите веруваат дека тој веројатно станува сè позаразен, со оглед на тоа што случаите на Ковид-19 во САД повторно почнаа да растат, пренесува „Гардијан“.

Новата американска студија анализирала 5.000 генетски низи на вирусот, кој продолжува да мутира како што се шири низ населението. Студијата не открила дали мутациите на вирусот го направиле посмртоносен или ги смениле неговите ефекти, се вели во извештајот, во кој се истакнува дека експертите за јавно здравје признаваат дека сите вируси имаат мутации, од кои повеќето се незначителни.

Виролог од Националниот институт за алергија и заразни болести, Дејвид Моренс, вели дека на новата студија не треба да ѝ се даде преголемо толкување, но додава дека вирусот може да реагира на интервенции во јавното здравство, како што е социјалното дистанцирање.

Сите тие работи се бариери за преносливост или зараза, но бидејќи вирусот станува сè позаразен, статистички е подобро да се надминат тие бариери – вели тој.

Моренс истакнува дека тоа може да значи дека вирусот може да продолжи да мутира дури и по достапноста на вакцината, што значи дека вакцината ќе мора да се менува – исто како што вакцината против грип се менува секоја година.

Според податоците на Универзитетот Џонс Хопкинс, дваесет држави на САД доживеале над пет проценти зголемување на нивните случаи со Ковид-19 во последните две недели.

САД во средата забележаа 38.204 нови случаи, со што вкупниот број на случаи во земјата стигна на околу седум милиони. Земјата надмина 200.000 смртни случаи од корона вирус во вторникот. Со тоа, САД продолжуваат да бидат земја со најголем број случаи на корона вирус и смртни случаи.

Најновиот пораст на случаите главно е концентриран на запад и среден запад, каде што држави како Колорадо, Вајоминг, Висконсин и Монтана забележуваат пораст. Тексас, кој имаше голем пораст на случаи во текот на летото, забележува голем пораст на случаите во последните неколку дена, пријавувајќи повеќе од 11.000 нови случаи во понеделникот.

Експертите за јавно здравје велат дека е рано да се каже дали зголемувањето на случаите е краток ефект како резултат на празничните собири на Денот на трудот на почетокот на септември или дали тоа е почеток на трендот на пораст бидејќи времето почнува да заладува во многу региони и луѓето се враќаат во затворен простор.

Луѓето на возраст од 18 до 25 години сочинуваат 26 проценти од новите случаи на корона вирус – најголем од сите возрасни групи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.