Министерството за безбедност на САД издаде итно предупредување за опасност од можен домашен тероризам, односно насилство од страна на противниците на администрацијата на новиот американски претседател Џозеф Бајден.

Властите не наведоа специфична закана, но посочија на „атмосфера на зголемена закана низ САД“ за која тие веруваат дека ќе „постои“ во следните недели.

Министерството за безбедност наведе дека пред да го издаде предупредувањето, се консултирало со безбедносните и разузнавачките агенции за можноста за домашен насилен екстремизам.

– Информациите укажуваат дека некои идеолошки мотивирани насилни екстремисти, кои имаат забелешки за манифестирањето авторитет на власта и на преносот на власта во Белата куќа, би можеле да продолжат да се мобилизираат за да поттикнат насилство или насилни акти, се вели во предупредувањето.

Со ова предупредување, администрацијата на Бајден суштински се вклучува во дебатата за тоа како да се опишат или карактеризираат дела мотивирани од политичката идеологија, сугерирајќи дека тој смета оти насилството насочено кон поништување на изборните резултати е тероризам.

Властите издадоа предупредување за време на затегната атмосфера, три недели по упадот на приврзаниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во американскиот Конгрес, незадоволни од исходот на изборите.

Министерството за безбедност ги спомена и насилните немири во последните денови, алудирајќи на настаните поврзани со анархистичките групи во Портланд, во сојузната држава Орегон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.