Американскиот „свиркач“ Даниел Елсберг, познат по откривањето во медиумите на доверливи документи за американската воена вмешаност во Виетнам, е добитник на наградата „Улоф Палме“ во 2018 година.

Елсберг (87), беше предложен за наградата поради неговиот „длабок хуманизам и исклучителна морална храброст” за објавување на плановите на Владата на САД за Виетнам.

Објавувањето на т.н. Пентагонски документи од страна на Елсберг во 1971 година, придонесе за скратување на војната во Виетнам. Елсберг подоцна беше обвинет за шпионажа и се соочи со 115 години затвор. Неговата судска постапка од 1973 година заврши со ослободување од сите обвиненија.

Поранешниот безбедносен аналитичар подоцна беше ангажиран во истакнување на опасностите од нуклеарната војна, се наведува во образложението на наградата „Улоф Палме“.

Церемонијата за доделување на наградите е закажана за 30 јануари во Стокхолм.

Наградата, вредна 100.000 долари, беше основана во 1987 година во спомен на поранешниот шведски премиер Улоф Палме, кој беше убиен во 1986 година.

Оваа награда, меѓу другите, досега ја имаат добиенот докторот Денис Мукеве, ко-добитник на Нобеловата награда за мир во 2018 година, чешкиот политичар и дисидент Вацлав Хавел, лидерката на Мјанмар, Аунг Сан Су Кји и Амнести интернешенел.

Елсберг во 2006 година им изрази поддршка на другите „свиркачи“, вклучувајќи ги Челзи Менинг и Едвард Сноуден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.