Шефот на американската Одбранбена разузнавачка агенција, Скот Бериер, предупреди дека за една до две години Ал Каеда повторно може да биде закана за САД од Авганистан.

На состанокот за разузнавање и национална безбедност, Бериер го повтори предупредувањето издадено од разузнавачките служби пред повлекувањето на американските сили од Авганистан.

Заменик-директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Дејвид Коен, изјавил дека САД веќе откриле „некои од индикациите за потенцијален трансфер на Ал Каеда во Авганистан“.

Безбедносните експерти веќе долго време велат дека талибанците продолжуваат да одржуваат врски со Ал Каеда, која имаше прибежиште во Авганистан пред нападите на 11 септември 2001 година.

Експертите за борба против тероризмот пред американското повлекување од Авганистан проценија дека Ал Каеда има неколку стотици борци во земјата. Американското разузнавање предупреди кон средината на април дека планот за повлекување на американските војници од Авганистан може да ги охрабри терористичките организации како Ал Каеда и ИД да ги обноват силите потребни за напад врз САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.