Древната глинена плоча со пасус од приказната за Гилгамеш треба да се врати во Ирак.

Позната како „Сонот на Гилгамеш“, на плочата е напишана сумерска песна стара 3600 години од епот за Гилгамеш. Епот е најстарото познато книжевно дело и било украдено од ирачкиот музеј за време на Заливската војна во 1991 година.

Во изминатите 30 години, се криумчарела во бројни земји, главно со лажни документи, а до пред две години да се изложи во музеј во седиштето на американската влада.

Подоцна денес, плочата ќе отпатува во својата татковина откако официјално е вратена во Ирак на церемонијата во Смитсонијан, Вашингтон.

Песната за Гилгамеш е најстарата епопеја во светот. Делови од приказната за херојот-крал Гилгамеш може да се најдат и во Библијата. На плочата, епот е напишан со акадско, вавилонско писмо, кое се користело во Месопотамија пред илјадници години.

Епот е откриен во 1853 година кога 12 плочи со оваа приказна биле пронајдени во урнатините на библиотеката на асирскиот крал Ашурбанипал, во северен Ирак.

Приказната содржи легенди и песни за кралот Гилгамеш од Урук, владетелот на Урук, област во денешен јужен Ирак. Митот се базира на вистински крал кој владеел од 2800 до 2500 година п.н.е

Кралот Гилгамеш бил полубог со натчовечка сила и моќ што ги наследил од својата мајка. Со помош на неговиот пријател, го убил Небесниот бик, кој претставувал насилство на боговите и се обидел да ја открие тајната на вечниот живот.

Во друга авантура, тој отишол до дното на морето за да добие растение кое дава вечен живот, кое потоа му го украла змија.

Плочата со сегментот од соништата е дел од епопејата во која Гилгамеш и` го опишува на мајка си сонот што го видел и го толкува како доаѓање на нов пријател од пустината. Исто така, постои приказна за жена која го носи пријателот на Гилгамеш во логор на овчари за да има секс – се верувало дека сексот има смирувачки ефект врз „дивите“ луѓе.

За време на Заливската војна во 1991 година, плочата со приказната за сонот на Гилгамеш била украдена од музеј во Ирак.

Не е познато што се случило со плочата до 2003 година, кога продавач на антиквитети ја купил, валкана и нечитлива, од дилер за монети во Лондон.

Тогаш дилерот ја испратил плочата, со големина на iPhone, во САД по пошта. Кога пристигнала во Соединетите држави, било утврдено дека тоа е дел од епот за Гилгамеш.

Дилерот потоа ја продал на друг купувач во 2007 година со лажен сертификат за потекло, наведувајќи дека плочата била во кутија со древни бронзени фрагменти купени во 1981 година.

Плочата била продадена и купена неколку пати на аукции во различни земји, пред да биде купена на приватна аукција во 2014 година од конзервативната христијанска уметничка компанија „Хоби лоби“. Компанијата платила повеќе од 1,67 милиони долари за плочата изложена во Библискиот музеј во Вашингтон.

„Хоби лоби“ била казнето со милиони долари во 2017 година за погрешно обележување на илјадници ирачки предмети набавени од нивниот музеј.

Предметите биле прошверцувани во САД преку Обединетите Арапски Емирати и Израел, со лажни потврди дека станува збор за „керамички плочки“.

“Компанијата е нова за сето ова и не ги разбира целосно сите компликации од процесот на набавка на предмети. Ова резултираше со непростливи грешки”, соопштиле тогаш од „Хоби лоби“.

Истата година, кустосот на музејот започна да го истражува потеклото на плочата и музејот ја известил ирачката влада дека тие поседуваат дел од епот за Гилгамеш.

Кога било доведено во прашање потеклото на плочата, Музејот повел правна постапка против аукциската куќа Кристи, која ја организирала аукцијата, тврдејќи дека им доставиле лажни информации. Кристи негирале дека знаеле дека предметот е набавен илегално.

Во 2019 година, американските агенти ја запленија плочата од музејот. Во јули, федерален судија на САД наредил нејзино враќање во Ирак.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.