Руското Министерство за надворешни работи денеска ќе го повика на разговор амбасадорот на ЕУ во Москва, Маркус Едерер, поради забраната на Литванија за движење на стоки опфатени со санкциите на ЕУ кон Калининград, соопшти гувернерот на Калининград, Антон Алиханов.

Официјален Вилнус го забрани транзитот на стоки опфатени со санкциите на ЕУ преку територијата на Литванија до и од руската ексклава што се наоѓа меѓу Литванија и Полска.

Ова е, се разбира, ситуација која може да се реши преку дипломатија. Колку што знам, Маркус Едерер, амбасадорот на ЕУ во Русија, ќе биде повикан во Министерството за надворешни работи – изјави гувернерот на Калининград.

Руското Министерство за надворешни работи се уште не ја потврди информацијата, но Кремљ вчера ја осуди литванската блокада.

Оттаму обвинија дека литванската одлука за блокирање на железничкиот сообраќај меѓу Русија и енклавата Калининград на Балтичкото Море е „незаконска“.

Одлуката е навистина без преседан и штетна за сите – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Членките на ЕУ редовно ги засилуваат санкциите против Русија по нејзината воена операција во Украина во февруари.

Неколку источноевропски земји, како што е Литванија, воведуваат и засебни санкции, поради нивната загриженост дека Русија еден ден ќе полага право и на нивната територија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.