Во екот на зголемена меѓународна критика за пожарите што беснеат низ Амазонија, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро изјави дека е можно земјоделците нелегално да подметнуваат шумски пожари, но рече дека странците не треба да се мешаат во внатрешните прашања на Бразил.

Францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на „Твитер“ изразија загриженост поради тоа што пожарите во амазонската прашума достигнаа рекордно високо ниво годинава, уништувајќи широки шумски појаси кои се сметаат за еден од најважните бедеми против глобалното затоплување.

Болсонаро луто одговори на тоа што, според него, е мешање.

Оние земји кои испраќаат пари тука не ги испраќаат од милосрдие… Тие ги испраќаат со цел да се мешаат во нашата независност – рече тој во преносот во живо на „Фејсбук“.


Но, претходно во четвртокот, бразилскиот претседател кажа дека земјата нема средства за контрола на пожарите.

Амазонија е поголема од Европа, како можете да се борите со пожар во такво подрачје? – ги запрашал тој новинарите по напуштањето на претседателската резиденција.

Немаме ресурси да го сториме тоа – констатирал Болсонаро.

Пожарите во Амазон се зголемени за 83 проценти оваа година во однос на истиот период лани, покажуваат официјалните податоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.