Повеќето пациенти заболени од Ковид-19 кои се наоѓаат на интензивна нега во една римска болница не се вакцинирани, па многумина ги повикуваат антиваксерите во Италија да се вакцинираат.

Франческо (40), пациент во ковид-болницата „ИЦЦ Касалпалоко“, рече дека се противел на вакцинацијата, но дека би се вакцинирал да може да го врати времето наназад.

Вакцинацијата не влева доверба, но за жал, мора да се вакцинираме затоа што тоа е единствено шт може да помогне во оваа фаза на пандемијата, вели тој за АФП.

Во болницата, во моментот има 19 пациенти на интензивна нега поради Ковид-19, од кои 17 не се вакцинирани, вели медицинскиот директор Роберто Мецаноте.

Речиси 90 до 95 отсто од нашите пациенти на интензивна нега не се вакцинирани, вели тој.

Анализата на болниците во септември покажа дека 69 отсто од пациентите заболени со Ковид-19 не биле вакцинирани.

Повеќето од пациентите на интензивна нега не се вакцинирани. Токму тие се изложени на најголем ризик, состојбата брзо им се влошува и им треба интубација и респиратор, вели Мецаноте.

Друг пациент, Салваторе, исто така не се вакцинирал, иако тврди дека ја поддржува вакцинацијата.

Од човек полн со живот, станав празна вреќа без сила во само неколку часа, вели овој 55-годишник.

Рече дека нема трпение за насилните демонстранти кои минатата недела протестираа на улиците на Рим против ковид-пропусниците.

Кога ќе ги видам тие демонстранти против зелените пропусници, тие не разбираат, тие не сфаќаат, вели Салваторе.

Пропусницата која докажува дека лицето е вакцинирано, да има негативен тест или неодамна да се опоравило од Ковид-19 од вчера е задолжителна за сите вработени на јавни и приватни работни места.

Најавата за воведување на ерката придонесе за зголемување на стапката на вакцинација во Италија, но и предизвика незадоволство.

Повеќе од 85 отсто од постарите од 12 години сега примиле барем една доза вакцина против Ковид-19.

Мецаноте рече дека пациентите имаат различни причини зошто не се вакцинирале, но главно тоа е „стравот дека вакцината е штетна“.

Во моментот имаме само едно решение за да ја спречиме пандемијата, а тоа е вакцината, вели тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.