Русија се заканува на Литванија. Ако односот на оваа земја не се смени, ќе има реперкусии.

„Литванија ќе се соочи со исклучително остар одговор од Москва, доколку не се нормализира транзитот на стока во Калининградската област“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Таа рече дека Русија ја следи ситуацијата.

„Уште еднаш потврдуваме дека Русија подготвува одмазднички мерки кои ќе бидат болни за Литванија. Тие ќе бидат преземени доколку не се нормализира состојбата со транзитот до Калининград. Се надеваме дека нашите таканаречени партнери на крајот ќе покажат здрав разум“, нагласи Захарова, пренесува ТАСС.

Транспортот на основи продукти и стоки преку територијата на Литванија до руската балтичка енклава Калининград би можел нормално да продолжи за неколку дена, потврдиле за Reuters два европски извора.

Државните институции во Литванија се соочија со хакерски напади од озлогласената руска група „Килнет“.

Хакерите по падот на сајтовите на институциите на оваа балтичка земја, ја презеле одговорноста и изјавиле дека нападот е одговор на тоа што Литванија го блокирала преносот на руски стоки преку нејзината територија до руската енклава Калининград.

Калининград е поврзан со остатокот од Русија со железница која минува низ територијата на Литванија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.