Францускиот министер за транспорт, Клеман Бон, ги коментираше последните случувања околу нафтената компанија „Тотал енерџи“ (Total Energy).

Бон изјави дека медиумскиот напис оти француската нафтена компанија била вклучена во снабдувањето на руската војска со авионско гориво преку заедничко вложување со руски „Новатек“ е „исклучително сериозно“ прашање што бара разјаснување.

Бон, кој посочи дека нема доволно информации за да го коментира ова прашање, е првиот француски владин функционер кој ги коментира наводите на весникот „Монд“, што може да го поткопа притисокот на претседателот Емануел Макрон за мир во Украина, пренесува „Ројтерс“.

„Монд“ во средата објави дека „Тотал енерџи“, преку својот удел во заедничко вложување со руската „Новатек“, бил вклучен во испораките на гасен кондензат за производство на гориво за авиони што можеби го користеле руските воени авиони во Украина.

Ова е исклучително сериозна тема, затоа треба да се провери дали имало доброволно или неволно заобиколување на санкциите или испорака на енергија произведена од француска или друга компанија – изјави Бон за телевизијата „Франс 2“.

Тој не наведе дали е потребно да се покрене официјална истрага.

Манон Обри, членка на Европскиот парламент од „Непокорена Франција“, една од главните опозициски партии во Франција, ја повика владата да заземе став по ова прашање, велејќи дека „Франција повеќе не може да замижува“.

Имаме француска компанија која стана индиректен соучесник во убиствена војна – изјави таа за радиото „Френс инфо“.

„Тотал Енерџи“, кој за разлика од другите големи западни конкуренти ги задржа своите средства во Русија и покрај критиките, изјави дека не користи инфраструктура за снабдување на руската војска и дека нема никакво знаење за какво било потенцијално производство на гориво за авиони од страна на нејзините деловни партнери.

„Монд“ во извештајот пишува дека млазното гориво било доставено до две руски воздушни бази, за кои се верува дека биле вклучени во воздушните напади во Украина, а било произведено од гасен кондензат доставен од „Тернефтегаз“, во кој „Тотал енерџи“ има 49 отсто од сопственичките акции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.