Кај аеродромот во Виена почна да се гради најголемата сончева електрана во Австрија. Осум сончеви централи ќе произведуваат речиси третина од годишната потрошувачка на енергија на аеродромот, што е еднакво на потрошувачката на 7.000 домаќинства.

Австрија има за цел до 2030 година, со обновлива енергија да покрие 100 отсто од потребите.

Иако авијацијата – со 2,7 отсто, предизвикува само мал дел од глобалните емисии на јаглерод-диоксид, аеродромот во Виена го презема својот дел од одговорноста и постојано го намалува тоа количество преку сончеви инсталации и нови еколошки технологии.

Виенскиот аеродром испрати јасен сигнал за иднината! – порача државниот секретар во Министерството за клима и енергија, Магнус Брунер.

Новата електрана ќе испорачува 30 милиони киловат-часови електрична енергија годишно со своите 55.000 соларни панели, со максимална моќност од 24 мегавати на површина од 24 хектари.

Според градскиот министер за финансии, Петер Ханке, заштитата на климата има највисок приоритет.

Целта е јасна – климатска неутралност до 2040 година. За оваа цел, ние вложуваме во соларни централи, ветерници и хидроцентрали, централно греење и други технологии. Ќе произведуваме електрична енергија преку сончевите панели до 2025 година и тоа максимум 250 мегавати, како и до 800 мегавати до 2030 година – објаснува Ханке.

Погонот треба да биде завршен и ставен во функција пролетта следната, 2022 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.