Правниот тим на американскиот претседател Доналд Трамп денеска ја почна одбраната на судењето во процесот за отповикување на шефот на државата во Сенатот.

– Претседателот не направи апсолутно ништо лошо, рече адвокатот на Трамп, Пет Сиполони, на почетокот на изнесувањето аргументи на одбраната.

Адвокатите на Трамп во текот на три дена ќе се обидат да ги побијат тврдењата на демократите дека претседателот ја злоупотребил положбата и оти да биде разрешен поради тоа што вршел притисок врз Украина да почне истрага против поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, и воедно еден од кандидатите за претседател на демократите.

Трамп ги отфрли обвинувањата на демократите. Правниот тим на Трамп ќе има 24 часа, поделени на три дена, за да ги презентира своите аргументи.

Претставничкиот дом, кој мнозинство имаат демократите, минатиот месец го отповика Трамп под обвиненија дека ја злоупотребил својата позиција и го опструирал Конгресот.

Тоа го отвори патот за судење во Сенатот, каде републиканците имаат мнозинство, и кои ќе треба да одлучат дали Трамп треба да биде отповикан од функцијата. Ова е трето судење во процес на отповикување на претседател во американската историја.

Се очекува Трамп да биде ослободен во Сенатот, бидејќи за одлука за разрешување е потребно двотретинско мнозинство, а ниту еден републикански сенатор досега не поддржа таков чекор

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.