Европскиот правен тим на Џулијан Асанж денеска соопшти дека ќе се обиде за него да побара азил во Франција, на само неколку дена пред почетокот на сослушувањето во Лондон за негова екстрадиција во САД заради обвинение за шпионирање.

-Сметаме дека ситуацијата е доволно сериозна и наша должност е да разговараме за тоа со претседателот Емануел Макрон, изјави угледниот француски адвокат Ерик Дипон-Морети, пренесуваат американските медиуми.

Дипон-Морети е еден од адвокатите кои на прес конференција во Париз објаснија зошто сметаат дека случајот против Асанж е неправеден, споменувајќи го неговото лошо здравје и тврдејќи дека во затворот во Лондон биле повредени неговите права.

Адвокатите, исто така, предупредија дека сите новинари ќе трпат последици доколку Асанж биде екстрадиран и затворен во САД.

Француските членови на тимот изјавија дека работат врз конкретно барање Макрон да му одобри на Асанж азил во Франција, каде, инаку, тој има деца.

Балтазар Гарсон, шпански координатор на тимот на Асанж, го повтори планот на неговиот клиент на сослушувањето за екстрадицијата да тврди дека администрацијата на Трамп му понудила помилување. Наводен услов за тоа бил Асанж да мора да се согласи да каже дека Русија не е вмешана во протекувањето на мејловите од Демократскиот национален комитет кои Викиликс ги обави во текот на изборната кампања во САД во 2016 година

Белата куќа одлучно го негираше ова тврдење.

Асанж, мина седум години во лондонската амбасада на Еквадор, пред во април 2019 година да биде предаден на британската полиција. Во ноември Шведска се откажа од истрагата за сексуални злосторства изврешени од него, бидејќи минало премногу време, пренесоа агенциите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.