Националното здружение на адвокатите во САД го повика Фејсбук да се откаже од плановите за Инстаграм програмата за деца под 13-годишна возраст – „Instagram Kids“, наведувајќи ја како причина загриженоста за безбедноста и психичкото здравје на децата и штетата што социјалните медиуми може да ја направат притоа.

Во писмо до извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, 44 врвни државни и регионални адвокати тврдат дека социјалните медиуми може да бидат многу штетни за децата и дека Фејсбук не успеал да ја заштити благосостојбата на децата на своите платформи во својата практика до денес. Како пример, тие ја наведуваат апликацијата „Messenger Kids“, којашто „им дозволува на децата да ги заобиколат ограничувањата“ и да се приклучат на групни разговори со непознати.

„Фејсбук како да не реагира на потребата, туку ја создава, бидејќи оваа платформа првенствено им се допаѓа на деца кои инаку не би имале профил на Инстаграм. Накратко, платформата на Инстаграм за деца е штетна поради огромен број причини. Државните адвокати го повикуваат Фејсбук да се откаже од своите планови за лансирање на таа нова платформа“, се вели во писмото.

Тие го наведуваат и кибер-вознемирувањето на Инстаграм и злоупотребата од страна на луѓе кои ги експлоатираат децата на различни начини, како штетни појави. Само во 2020 година, Фејсбук и Инстаграм објавија 20 милиони слики на сексуална злоупотреба на деца, според адвокатите.

Децата не се способни да се справат со комплексноста на она што го среќаваат на интернет, како што се рекламирање, несоодветна содржина и односи со туѓинци, се истакнува во документот.

Кибер-вознемирувањето е еден од главните проблеми. Истражување од 2017 година покажа дека дури 42 отсто од младите корисници на Инстаграм доживеале вознемирување на интернет. А, децата денес минуваат повеќе време на интернет поради пандемијата на Ковид-19, па има опасност дека овие проблеми само ќе се влошуваат, предупредуваат државните адвокати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.