Група истакнати адвокати побараа од властите во Њујорк да му ја одземат лиценцата на Руди Џулијани за вршење на адвокатска работа, поради изнесените лаги за време на судските процеси поднесени од поранешниот американски претседател Доналд Трамп по претседателските избори во ноември.

„Адвокатите за одбрана на американската демократија“, исто така, повикаа на истрага за Џулијани, кој служеше како федерален обвинител и градоначалник на Њујорк пред да биде ангажиран од Трамп како личен адвокат.

„Оваа жалба се однесува на законот, а не на политиката“, напишаа тие во писмото до Комисијата за жалби на адвокатите на Врховниот суд на државата Њујорк. Писмото го потпишаа повеќе од 40 адвокати.

Адвокатите кои не се поврзани со групата, вклучително и адвокат кој брани други колеги од поплаки за етички прекршувања, коментираат дека писмото може да има сериозни последици за Џулијани. Адвокатската комисија за жалби, што е дел од државното судство на Њујорк, има овластувања да им ги одземе лиценците на адвокатите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.