54-годишна жена почина во Квебек откако прими вакцина против коравирусот „АстраЗенека“, а ова е прв смртен случај во Канада, изјави денеска премиерот на регионот Квебек, Франсоа Лего.

„Тажен сум затоа што здрава 54-годишна жена почина затоа што ја прими вакцината“, изјави Лего пред новинарите.

Жената, чие име не беше соопштено, почина од тромбоза на мозокот откако прими вакцина „АстраЗенека“, изјави директорот на Институтот за јавно здравје на Квебек, Хорасио Арида и додаде дека пациентот примил терапија која не давала резултати.

Арида додаде дека смртта не треба да ја менува стратегијата за користење на таа вакцина во Квебек, каде што се препорачува за лица постари од 45 години.

Канадските власти минатата недела објавија дека 1,1 милиони дози на вакцина „АстраЗенека“ биле дадени во земјата. Досега се пријавени четири случаи на згрутчување на крвта кај пациенти кои примиле вакцина.

Премиерот на Канада Џастин Трудо минатата недела ја прими првата доза на вакцината „АстраЗенека“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.