САД со пригодни церемонии ќе одржат комеморации за убиените во терористичките напади на 11 септември 2001 година во зградите на урнатиот Светски трговски центар во Њујорк и зградата на Пентагон во Вашингтон.

Во Њујорк на денешен ден во 2001 година беа извршени терористички напади со киднапирани патнички авиони врз кулите на Светскиот трговски центар, а беше нападнат и Пентагон. 3.085 луѓе загинаа во двете кули на Светскиот трговски центар, а вкупно 266 лица го загубија животот во четири киднапирани американски патнички авиони.

Нападите од 11 септември беа серија координирани терористички напади против Соединетите Држави. Според официјалниот извештај на „Комисијата 9/11“, 19 лица во служба на Ал каеда, мрежа на милитантни вахабистички организации, киднапираа четири американски авиони.

Два од нив удрија во зградите на Светскиот трговски центар во Менхетн, Њујорк – по еден во секоја кула на 17 минути разлика, по што двете кули се срушија. Третиот авион го погоди Пентагон, седиштето на Министерството за одбрана на САД во Вашингтон.

Четвртиот се сруши во рурален дел на Пенсилванија, на 130 километри источно од Питсбург, откако патниците им пружиле отпор на киднаперите.

Извештајот на „Комисијата 9/11“ покажа дека напаѓачите ги претвориле киднапираните авиони во најголемите самоубиствени бомби во историјата и ги извршиле најсмртоносните напади некогаш изведени против САД.

САД за организирање на нападот го обвинија Осама бин Ладен, водачот на исламските екстремисти, кој се криеше во Авганистан. Соединетите Држави поради тоа почнаа да го бомбардираат Авганистан на 7 октомври, потсетуваат медиумите.

Осама бин Ладен беше убиен во мај 2011 година во пакистанскиот град Аботабат, на 100 километри од Исламабад, од страна на комбинирани американски и пакистански сили.

Нападите од 11 септември се меѓу најзначајните настани што се случија од почетокот на 21 век, во смисла на општите економски, социјални, културни и воени последици што следуваа за САД и остатокот од светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.