Околу 64 илјади државјани на Македонија живеат во Италија, од кои околу 12 илјади во Венето и околу четири илјади во Ломбардија, двата северни региона во јужната европска земја, во кои има изолација на 11 населени места поради епидемија на коронавирусот.

Ова се статистички податоци од италијанскиот сајт https://www.tuttitalia.it/. Податоците се од 2019 година, а засега нема официјални информации од нашите надлежни органи за состојбата со македонските државјани во овие два италијански региона, каде се воведени вонредни мерки, откако во Италија досега се регистрирани над сто случаи на заразени од корона вирусот, од кои 89 во Ломбардија. Две лица починаа како последица на коронавирусот во оваа јужна европска земја.

Според податоците на сајтот https://www.tuttitalia.it во Венето има 11.736 македонски државјани, а во Венеција, која се наоѓа во овој регион 2.820 државјани на Македонија.

Ниту влегување, ниту излегување од области за кои се смета дека се места од каде се шири заразата не се дозволени без посебна дозвола. Сите јавни собири, спортски настани и други настани се забранети за една недела.

Училиштата и градинките, спортските објекти и продавниците се затворени. Јавниот превоз е запрен. Тие мерки влијаат врз повеќе од 50.000 жители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.