Чешките власти ги истражуваат постапките на граничните полицајци, откако на неколку часа задржале 140 патници на аеродромот во Прага поради сомневање во фалсификувани тестови на коронавирусот.

Туристите, задржани на аеродромот „Вацлав Хавел“ во саботата, биле осомничени дека имале фалсификувани тестови на коронавирусот. Сите биле принудени повторно да се тестираат пред да им биде дозволено влегување во Чешка.

Чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек најави во неделата дека ќе се истражува дали полицајците исправно постапиле.

Патниците, главно Чеси и повеќето со семејства со деца, се враќале од одмор во Тунис со два лета. Според туроператорот, патниците во Тунис ги тестирал чешки лекар според чешките стандарди пред да се качат на летовите за Прага.

Во граничната полиција велат дека мерките на претпазливост се неопходни, бидејќи патниците повеќепати доаѓале со фалсификувани наоди од тестирањето на Covid-19. Но ова е првпат сите патници од еден лет а не само поединци, да бидат принудени повторно да се тестираат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.