Полицијата во Белгија заплени околу 115 килограми кокаин сокриен во бетонски плочи како дел од меѓународна полициска операција чија цел е разбивање на српска криминална мрежа, соопшти белгиското правосудство.

Уапсени се вкупно девет лица, пет во Белгија, две во Холандија, едно во Луксембург и едно во Србија, се наведува во соопштението на обвинителството.

Дрогата е запленета во Арлон, на југоистокот на Белгија, при претрес на магацин. Осомничените се обиделе да го сокријат кокаинот со бетонски плочи за полесен извоз.

Откриени и одземени се најмалку 103 пакувања со тежина поголема од еден килограм (вкупно околу 115 килограми) за кои на пазарот се проценува дека се во вредност од 11,5 милиони евра, се вели во соопштението на обвинителството.

Претреси беа извршени истовремено во Холандија, Луксембург и Србија.

„Севкупно, речиси 100 припадници на различни полициски служби биле ангажирани во операцијата за разбивање на српска криминална организација која се занимава со меѓународна трговија со кокаин“, соопшти обвинителството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.