Сто дена откако вооружените лица на Хамас го започнаа најсмртоносниот напад во историјата на Израел, десетици илјади Палестинци се убиени, Газа е во урнатини, а Блискиот Исток се лизга кон поширок, понепредвидлив конфликт, објави Ројтерс.

И за Израелците и за Палестинците, војната е траума која изгледа ќе трае со години, продлабочувајќи го непријателството и недовербата што стојат на патот на мирот повеќе од 75 години.

Никој нема да победи, рече Ребека Бриндза, портпаролка на семејствата на 240 Израелци и странци заробени од Хамас во нападот на Израел на 7 октомври, со кој започна војната.

Во нападот загинаа повеќе од 1.200 луѓе, што е најголема загуба на човечки животи во еден ден од основањето на државата Израел во 1948 година, а шокот беше надополнет со бројните извештаи за силување и тортура кои се појавија во следните недели.

Одговорот на Израел беше непосреден и немилосрден. Израелските сили најпрво започнаа систематско воздушно бомбардирање, по што следеше копнена инвазија која ја уништи Газа и принуди речиси 2 милиони луѓе да ги напуштат своите домови.

Речиси 24.000 Палестинци се убиени, а 60.000 се ранети во инвазијата, според здравствените власти во Газа, што е најголема загуба на палестински живот во децениските војни и конфликти со Израел од 1948 година.

Три месеци подоцна, израелските војници се уште се борат против исламистичките милитанти на Хамас во урнатините на Газа и ги ловат архитектите на октомврискиот напад врз Израел, како Јахја Синвар, лидерот на Хамас во Газа и Мухамед Деиф, воениот водач на движењето.

Повеќето болници во енклавата се уништени, гладот ​​е се поголема закана, додека страшната хуманитарна криза може да убие повеќе жители на Газа отколку израелската армија.

Во соопштението по повод 100 дена од војната, палестинското Министерство за надворешни работи го обвини Израел дека создал „круг на смртта“ во Газа.

Израелските власти велат дека прават се што можат за да избегнат цивилни жртви и го обвинуваат Хамас дека ја крие својата мрежа од тунели и воена инфраструктура меѓу цивилното население во Газа, намерно ставајќи ги во опасност.

Сепак, тоа е слаба утеха за десетици илјади луѓе кои ги загубија своите најблиски поради бомбардирањето.

Доаѓам овде секој ден, копнеејќи по нив, рече Калед Абу Авеида, кој загуби 22 члена од своето семејство во воздушниот напад и сè уште ги бара ридовите од урнатините што беа неговиот семеен дом за какви било знаци од неговите три деца.

Меѓународната јавност беше шокирана, а демонстрациите избија на улиците на европските градови и американските универзитетски кампуси.

Низ арапскиот свет, имаше бес поради убиствата и уништувањето, како и поради фотографиите на палестинските затвореници наредени во долна облека.

Дури и Вашингтон, најблискиот сојузник на Израел, повика на воздржаност, а Јужна Африка го поднесе случајот до Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи го Израел за геноцид.

Израел го отфрла обвинението како грубо и лицемерно искривување на вистината

Непријателот на Израел, Иран, кој го поддржува Хамас, досега не интервенираше во конфликтот, додека проиранската шиитска либанска милиција Хезболах избегна сеопфатен конфликт.

Сепак, јеменските Хути, друго движење поддржано од Иран, со нападите врз бродовите во Црвеното Море ја зголемија можноста за конфликт што ќе ги привлече надворешните сили и дополнително ќе го дестабилизира глобалниот поредок.

Израелците го гледаат Хамас како егзистенцијална закана за нивната земја и анкетите покажуваат дека ја поддржуваат кампањата за уништување на групата, иако повеќето го обвинуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху за безбедносните пропусти што го дозволија нападот на 7 октомври.

Постери со слики на заложници заробени во Газа се поставени на ѕидовите и на автобуските постојки низ Израел, а во неделата демонстрантите побараа враќање на повеќе од 130 Израелци кои се уште се во Газа.

Некои од нив беа ослободени за време на краткиот прекин на огнот во ноември, кога беа разменети за палестински затвореници ослободени од израелските затвори.

Израелското општество е трауматизирано и не можеме да заздравиме без сите да се вратат, рече Моран Стела Јанаи, поранешен заложник вратен во размена за време на прекинот на огнот.

Таа беше киднапирана од Хамас на музичкиот фестивал Нова на 7 октомври, кога беа убиени стотици посетители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.