Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека односите меѓу НАТО и Русија се на многу ниско ниво.

Столтенберг изјави дека ситуацијата е најтешка од крајот на Студената војна, но дека треба да се остави простор за разговори.

Мораме да разбереме дека односите меѓу Русија и НАТО се на ниско ниво. Не било потешко од крајот на Студената војна – изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

Столтенберг додаде дека и покрај тешкотиите, важно е да се задржат каналите за комуникација со Русија.

Цврсто веруваме дека кога работите се тешки, кога се соочуваме со предизвици во нашите односи како што се сега, уште поважно е да разговараме и НАТО ќе продолжи да води конструктивен или значаен дијалог со Русија – порача Столтенберг.

Русија во понеделникот објави дека ги суспендира активностите на својата дипломатска мисија во НАТО по протерувањето на осум руски службеници, кои Алијансата ги окарактеризира како „непријавени руски разузнавачи“ и дека ќе ја затвори мисијата на западниот воен сојуз во Москва.

Министрите за одбрана на НАТО се собраа денеска на дводневен состанок во Брисел, што е прва средба со физичко присуство од февруари 2020 година. Во претходниот период, состаноците се одржуваа од далечина поради пандемијата на корона вирус.

Министрите ќе разговараат за идните сојузнички напори во борбата против тероризмот по повлекувањето од Авганистан и зајакнувањето на сојузничката одвраќања и одбрана.

Од своја страна, Русија обвини дека НАТO ги зголемува тензиите во Источна Европа со трупање војници и воена опрема во близина на руската граница.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.