Сојузот на средношколци не се залага за откажување на матурата. Сојузот не ги поддржа средношколците кои тоа го бараа и инсистираше дека државна матура мора да има. Имајќи го ова на ум, јасно е дека бојкотот на наставата не е за откажување на матурата, тука за нејзино изменување за оваа учебна година. Затоа Сојузот не се согласува дека „бојкотот е неоправдан“, реагира Сојузот на средношколци по изјавите на министерката за образование и наука Мила Царовска.

Сојузот се согласува дека државната матура е „право на избор и тоа право е неприкосновено“ и дека ја полагаат ученици кои сакаат да го продолжат своето образование. Но, во однос на тоа дека над 14 илјади матуранти веќе се пријавиле во декември да ја полагаат државната матура, Сојузот во реакцијата посочува дека во декември матурантите не биле сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата.

Имаше матуранти кои бараа нејзино откажување и затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина. Така што, аргументот дека учениците во декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар, наведува Сојузот.

Додава и дека предложените измени на концептот за матура, кои според МОН ќе важат за наредната генерација матуранти, се целосно разумни за Сојузот зашто ја зачувуваат сериозноста на образовниот процес, а истовремено и интересот на учениците со оглед на, како што наведува – (не)квалитетот на наставата од далечина.

Соопшти и дека нивни претставници биле поканети и прифатиле учество во работна група за новиот концепт за матура, кој би се применувал од идната учебна година.

Секоја комуникација на Сојузот со институциите има една цел – градење подобар образовен процес, истакнува Сојузот на средношколци и повторно апелира до институциите да ги прифатат нивните барања за намалување на бројот на предмети на државната матура од четири (три екстерни и еден интерен) на два предмета – мајчин јазик (македонски, албански или турски) и втор предмет по избор на матурантот од областа што планира да ја студира.

Бојкотот на наставата од матуранти Средношколскиот сојуз го почна во четвртокот, на првиот ден од второто полугодие. Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи изјави дека ќе бојкотираат една недела, а ќе одлучат дополнително за следните чекори и дали ќе организираат протест.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.