Србија досега има потврдено 9.464 заразени лица со коронавирус, 193 починати и 1.551 излекувани граѓани, јави дописникот на МИА од Белград.

Од вирусот во изминатите 24 часа починати се четири лица, тројца мажи и една жена, со што вкупниот број на починати се зголеми на 193 лица, од кои 119 се мажи и 74 жени, со вкупна смртност од 2,04 отсто.

Во изминатите 24 часа тестирани се 5.274 лица, од кои позитивни на вирусот се 102 граѓани, што како и претходните денови процентуално е под пет отсто и говори за позитивен тренд на намалување на епидемијата, изјави на владината прес конференција на кризниот штаб, директорот на Инфективната клиника на КЦ Белград, Горан Стевановиќ.

– Бројките се добри и задоволителни благодарејќи на ефинасните мерки и односот на граѓаните, поради што за две недели може да очекуваме завршување на мерките, оцени Стевановиќ.

Вкупно во Србија досега се тестирани 101.911 граѓанин од кои кај 9.464 е потврден случај на коронавирус, а оздравени се 1.426 пациенти.

Во ковид болниците и привремените центри хоспитализирани се 2.116 пациенти, од кои со влошена клиничка слика и на респиратор се наоѓаат 54 лица.

Како што кажа Стевановиќ, 450 здравствени работници се позитивни на вирусот, од кои половината се хоспитализирани во ковид болниците.

Во установите за социјална заштита и домовите за стари лица заразени се 497 штитеници и 114 вработени.

Стевановиќ најави дека од утре во Србија ќе започне масовно тестирање за утврдување на нивото на колективниот имунитет, кој ќе биде на ниво на репрезентативен примерок, чии резултати ќе овозможат планирање на идните мерки во справување со епидемијата.

Како што најавија од Владата ова беше последна редовна прес-конференција на кризниот штаб, а податоците од утре ќе бидат објавувани од владиниот сајт или со вонредни прес-конференции.

Премиерката Ана Брнабиќ денеска за ТВ Прва оцени дека поради „безобѕирноста и непрофисонализмот во Геронтолошкиот центар во Ниш, речиси една четвртина од вкупно починатите се од овој дом за стари лица“, додавајќи дека укинувањето на вонредната состојба зависи од бројките и проценка на струката.

– К

ога ќе се укине вонредната состојба, она што ќе продолжи да важи се мерките за превенција и заштита, тоа ќе биде нашата нова реалност до моментот кога ќе се открие вакцината. Ќе престане забраната за движење, полицискиот час. На крајот ќе дојде и до отворање на границите. Тоа ќе зависи откако ќе се видат бројките, нагласи Брнабиќ.

Во Србија денеска полицискиот час почнува во 18 часот и ќе трае до утре во пет часот наутро, кога се очекува почеток на работата на рестораните и кафеаните, како и почеток на работатат на градскиот превоз во Нови Сад и Крагуевац, а во Белград и Ниш тој ќе профункционира на 8 мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.