Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека еден од врвните приоритети на МВР во претстојниот мандат ќе биде поставувањето камери по улиците за да се стави крај на дивеењето и брзото возење.

Тој не прецизира кога ќе биде заокружен целиот процес, но нагласува дека реализацијата на проектот е во тек.

Според Спасовски, системот на снимање со камери при евентуално направен прекршок, ќе значи неселективност и транспарентност при казнувањето, а секој што нема да ги почитува сообраќајните правила и прописи ќе сноси одговорност.

Веќе пристапивме кон реализација на планот за поставување на камерите чија инсталација е една од врвните цели во овој мандатен период. Најпрво треба да поминат сите постапки од аспект на набавки и склучување договори, но тоа е приоритет број еден и се работи паралелно со сите други активности. Камерите што сега ги има во Скопје, Куманово и Тетово не се такви за да се постапува во сообраќајот. Се работи за посебен, современ систем што ќе се надгради и ќе ја опфати цела држава. Со него, ќе ги исклучиме човечките субјетивности на кои сме научени со години наназад. Системот ќе овозможи неселективност и транспарентност. Секој што нема да ги почитува сообраќакните правила и прописи ќе сноси одговорност, рече Спасовски во интервју за Канал 5.

Тој информира и дека почна опремувањето со т.н. боди камери на полициските службеници во Скопје и Тетово. Со такви камери веќе се работи во автопатската полиција.

-Кога има камера која целосно го забележува настанот, многу поинаку се однесуваат и полициските службеници и граѓаните. Процесот за подигнување на свеста треба да почнува од најмала возраст, преку образованието и воспитувањето на децата, истакна Спасовски, уште еднаш најавувајќи строги санкции, без селективност.

Намерата на МВР, потенцира, е преку воспоставување ваков систем, сите да бидат еднакви пред законите.

Според министерот, безбедноста во сообраќајот, за жал, е еден од најголемите проблеми кој зависи од сите нас, граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.