Жители на Аеродром, Ново Лисиче, Маџари, Автокоманда,  Центар мака мачат со нападот од бубашваби.

Последните 10 дена се особено страшни велат граѓаните. Однадвор, преку фасадите, терасите, цевките им влегуваат дома. Во услови на високи температури кога граѓаните се  затворени дома по 19 часот, не можат ниту да проветруваат бидејќи бубашвабите се насекаде. Жителка од Аеродром ни го покажа својот влез како изгледа на сред пладне и покрај тоа што редовно ги прска и чисти за да ги сузбие.

Ваква е сликата буквално во сите станбени згради а се жалат и граѓани кои живеат во куќи. Бараат помош од надлежните бидејќи самите не можат да се справат со оваа наезда. Тврдат дека оваа состојба за прв пат лани ја забележале како никогаш претходно.

Од Институтот за јавно здравје каде е службата за дезинсекција, дератизација и дезинфекција тврдат дека редовно испраќаат елаборати со точни насоки кога и како треба да се третираат инсектите, глодарите и комарците на јавните површини. Николина Соколовска тврди дека во месец мај веќе е доцна за интервенцијата, а на тоа укажале навреме. Корона вирусот требало да биде причина плус истовремено да се врши дезинфекција, дератизација и дезинсекција.

Во овие услови, Соколовска вели здравјето на граѓаните е во опасност.

Од општина Аеродром тврдат дека пролетната дератизација против глодари ја  извршиле навреме на почетокот на мај со што опфатиле околу 3000 шахти во општината. Велат дека овој процес го извршиле во ист период како и претходни години.  За дезинсекција надлежноста ја префрлија  во градот Скопје. Од градот пак  велат дека тие се задолжени само за дезинсекција против комарци и тоа го правеле редовно. И од двете надлжени инситуции решението го гледаат кај  граѓаните кои требало преку куќните совети самите да се изборат со наездата на овие штетни инсекти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.