Градот Скопје во соработка со УНДП го уреди вториот зелен покрив во строгиот центар на градот – покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“, попознат како Домот на градежници. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое е функционално распоредено, има тревна површина и вертикално зеленило на ѕидовите, а поставени се и клупи и канделабри. Ова ново зелено катче денеска и официјално го отворија за посетители градоначалникот Петре Шилегов, постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Нарине Сахакјан, заменик-амбасадорот на Холандија во нашата земја, Роберт Декер, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.

– По фантастичното искуство што го имавме со отворањето на зелениот покрив на Градскиот трговски центар ова е втора ваква површина што како јавен простор ја ставаме на користење за граѓаните. Таа се наоѓа во Малиот ринг, онаму каде што и тоа како ни е потребно зеленило. Постарите генерации скопјани се сеќаваат дека токму на овој простор се наоѓало летно кино, а граѓаните од околината можеле да уживаат во кино-претстави. Тоа е всушност и идејата на Градот, на оваа површина во текот на летниот период да организираме мини отворено кино, таканаречено „немо“ кино во кое со слушалки ќе се гледа претставата, за да не пречиме на соседството. Ем ќе ги вратиме спомените, ем ќе го облагородиме овој простор – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје многу вложува во зеленилото, а деновиве почнува и сезоната на пролетно садење.

– Сакам да упатам голема благодарност до амбасадата на Кралството Холандија и до заменик амбасадорот Роберт Декер за донацијата на муралот кој што го облагороди изгледот на овој објект – нагласи Шилегов.

Проектот за изградба за зелениот покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје во вредност од околу 18,5 милиони денари, а имплементиран е во соработка и со поддршка на УНДП.

Запуштениот и руиниран покрив на Домот на градежници во Стратегијата за климатски промени на проектот „Отпорно Скопје“ беше препознаен како едно од неколкуте „урбани топлотни острови“ кои влијаат на зголемување на просечната температура во градот. Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7%.

Според постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, се повеќе луѓе во светот живеат во градовите, тоа создава голем притисок врз животната средина и отвора предизвици за локалната самоуправа, па затоа УНДП секогаш се обидува да помогне.

– Поканете што повеќе луѓе да го посетат овој простор, да организираат настани, да дојдат со семејствата особено во овој период на ковид кога сите сакаме да излеземе на отворено – рече Сахакјан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.