Град Скопје соопшти дека утре ќе ги засили инспекциските контроли околу шопинг центрите во Скопје, поучени од негативните искуства од минатите години за време на акцијата „Блек фрајдеј“, со голем број негативни примери за неправилно одложување на отпадот и непрописно паркирање.

Градските инспектори за патен сообраќај ќе вршат засилени контроли во однос на непрописното паркирање на јавни површини, а комуналните инспектори ќе вршат засилени контроли во однос на неправилното одложување на отпадот. Согласно со правилата за третман на отпадот, амбалажата за пакување на големите производи (особено за бела техника) се третира за кабаст отпад и не треба да да се одлага во садовите за отпад што беше честа појава изминатите години околку трговски центри за време на овие попусти, посочуваат од Град Скопје.

Градските власти ги потсетуваат потрошувачите за можноста овој вид отпад да се одложи во Центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, без плаќање паричен надоместок. Воедно, апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.