Четириесет и пет лица досега се пријавени за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во центарот на Скопје на 19 јануари на Богојавление – Водици, информираа денеска за МИА од Скопската епархија.

Пријавените треба да бидат на возраст над 18 години. Досега меѓу пријавените нема жени. Кандидатите прво прават бесплатен лекарски преглед во Спортска медицина, кој е задолжителен, по што се пријавуваат во Македонската архиепископија, информираат од Скопската епархија.

Пријавувањето почна на 2 јануари, а завршува на 17 јануари.

Спуштањето на крстот во водите на Вардар ќе биде на 19 јануари напладне од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ и ќе го изврши поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан.

Претходно, архиепископот г.г. Стефан во 9 часот ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Освен во Скопје, крстови ќе бидат положени и во водите низ останатите скопски општини и градови во државава.

Празникот Водици се слави од вториот век и е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден. Се верува дека тој што ќе го фати крстот ќе го следи благослов и среќа цела година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.